Раст на БДП во третиот квартал 3,3 отсто, градежништвото со фантастичен пораст

Зголемената ангажираност на градежниците за над 30 отсто има голема заслуга за растот на БДП

Македонската економија во третиот квартал од годинава бележи одлични резултати, а најголем „виновник“ за ваквата состоја како што покажуваат податоците е особено зголемената активност на градежните фирми.

Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, Бруто домашниот производ во претпоследното тромесечение од 2013 година  пораснал за 3,3 отсто.

Статистиката говори дека главен мотор на македонската економија во овој период е градежништвото кое во третиот квартал бележи фантастичен пораст од 30,5 отсто. Во порастот на БДП удел имаат и подобрените состојби во секторите сообраќај, складирање и врски од 5,8 отсто, трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила, мотоцикли и предмети за лична употреба и за домаќинствата од 2,8 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, која е исто така е еден од клучните индикатори за економската состојба во земјава, заедно со непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2013 година, во однос на истиот период од 2012 година, номинално расте за четири отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 72,8 отсто.

Извозот во третиот квартал, како што соопштува Статистика, се зголемил за 7,2 отсто, а увозот е намален за 2,1 отсто.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вчера изјави дека очекува целата година македонската економија да ја заврши со раст на БДП од околу три отсто.

„Имаме година на заздравување на економијата. Во првата половина имавме раст од 3,4 проценти, а според досегашните податоци се очекува растот во третиот квартал да биде три отсто“, изјави Ставрески оценувајќи дека е остварен максимумот со оглед на случувањата во Европа бидејќи, како што посочи, Македонија има раст што е најголем во регионот.

Главни носители на растот, според вицепремиерот и министер, беа капиталните инвестиции и извозот на странските директни инвестиции.

Ставрески најави дека Владата ќе продолжи и во наредната година со капитални инвестиции за што се предвидени 365 милиони евра и дополнителни 160 милиони евра за патишта. Ги повика сите македонски фирми да се вклучат во реализацијата на овие проекти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.