Беџети: Инфлацијата не може да остане на проектираното ниво, според индексот на цените на мало веќе достигнува четири проценти

Инфлацијата веќе реално достигнува околу четири проценти, пресметано по индексот на цените на мало, и тоа секако не може да остане на ниво кое беше проектирано – под два отсто. Можеби годината ќе заврши до 4,5- 5 отсто инфлација, според индексот на цените на мало, и мислам дека тоа веќе е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, затоа што тоа удира директно на таа потрошувачка кошничка, која доминантно е од прехранбени производи, а тоа не е нешто нестандардно кај земјите во развој, вели академик Абдулменаф Беџети во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

-Обично прехранбените производи во таа кошничка учествуваат доста значајно, до 40 отсто. Тоа секако може да ги погоди основните прехранбени производи, почнувајќи од жито, леб, млеко, масло и другите прехранбени производи. Семејства кои се социјално загрозени ќе бидат во многу тешка состојба. Во таа смисла не мислам дека ова алармирање што беше дадено од стопанствениците е реално до толку, барем не за овој период, зборуваме за три-четири месеци. Освен кај енергенсите, каде што веројатно состојбата ќе биде сериозна во тој дел. Нормално енергијата е инпут на секој производител, на секој транспортер и по тој верижен систем влијае во преносот. Покачување на енергијата влијае на покачување на цените“,вели Беџети.