БЕГ бара покачување на цената на парното греење

Според информациите на Сител, од БЕГ бараат зголемување на цената. Причина за тоа се исклучените од парно, околу 10 илјади домаќинства кои од крајот на март лани не плаќаат паушал. Од Регулаторна пак тврдат дека се прават напори цената да остане иста. Новата цена ќе се знае до крајот на неделава. РКЕ се уште ги разгледува забелешките од БЕГ.

– Се анализираат забелешките на компаниите и ги соочуваме аргументите. Од една страна има притисок врз цената што го прават исклучените од парно кој веќе не плаќаат ниту денар за топлинска енергија и наша заложба е да се заштитат потрошувачите во оваа комплексна состојба на корона криза со здравствено економски последици. Уверуваме дека нема да се одрази негативно ослободувањето на исклучените од парно и нивните сметки нема да се зголемат поради овој притисок, велат за Сител од Регулаторната комисија за енергетика.

Од БЕГ пак тврдат дека пријавените трошоци до РКЕ се реални и треба да им се признаат.

– БЕГ при поднесување на барањето за цена до Регулаторна бара признавање на реално остварените трошоци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, се вели во дописот од компанијата.

Вообичаено секоја година нова корекција на цената на парното се прави кон крајот на јули. Но годинава поради големиот број забелешки од БЕГ за кои е потребно време да се разгледаат, корекцијата беше одложена за овој месец.

Лани парното за корисниците на БЕГ поевтини за 6 проценти. Се намали и данокот за топлинска енергија од 18 на 5 отсто.

Градско парно користат над 50 илјади домаќинства.