5.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Бегството на Мијалков е срам за правосудниот систем

Екс пратеничката од СДСМ Фросина Ременски, во вечерашното гостување во емисијата Топ тема на ваша страна на ТВ Телма, вели дека бегството на екс директорот на УБК Сашо Мијалков е срам за правосудниот систем, но и дека власта не треба да го триумфализира неговото појавува во јавното обвинителство како успех.

-Ова е срам за правосудниот систем и не може да се триумфализам или успех се додека не се реализираат основните постулати на владеењето на правото, вели Ременски.

Според неа, требало денеска сите институции кои се надлежни да излезат и да ја информираат јавноста со една детална анализа што точно се случувало, односно што било направено и што било пропуштено да се направи.

-Очекував дека секоја власт во рамките на својата надлежност и во својот домен на работа ќе излезе со една детална анализа и известување на јавноста за тоа што е пропуштено и што требало да биде направено, а било направено вчера односно претходните денови, додаде таа.

Ременски е децидна дека има грешка и злоупотреби во работењето на јавната обвинителка Вилма Русковска, укажувајќи дека државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски денеска прво нешто што требало да направи е да одреди кој ќе биде изземен од истрагата за случајот со бегството на Мијалков.

-Очекував државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски прво нешто што ќе направи е да одреди кој ќе биде изземен од истрагата за случајот со бегството на Сашо Мијалков, и доколку тоа го направеше ќе се иземаше од барањето на алиби за грешките и злоупотребите што ги има направено јавната обвинителка Вилма Русковска во текот на целокупното брифирање, постапување, непостапување, дојавување, контакти, преписки, дописки и целокупната нејзина изјава заклучно со синоќа доцна навечер, истакна Ременски.

Во однос на појавувањето на Мијалков пред јавното обвинителство, Ременски вели дека недозволиво е лице кое се бара со меѓународна потерница да избира каде ќе се појавува и дали ќе подигне решение од јавен обвинител кое според неа нема никаква надлежност да му го предаде во овој случај.

-Недозволиво е лице кое се бара со меѓународна потерница да избира каде ќе се пријави и дали ќе подигне решение од јавен обвинител кое што нема никаква надлежност да му го предаде во овој случај, или треба да биде приведено со сите полициски активности што се во надлежност на Јавното обвинителство, рече Ременски.