Бекам со поддршка за Хари и Меган: Тие заслужуваат да бидат среќни!

Поранешната голема фудбалска ѕвезда, Англичанецот Дејвид Бекам, јавно ја поддржа одлуката на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл да го напуштат кралското семејство и да живеат во Канада, откако тој зборуваше на оваа тема за време на гостувањето во емисијата „Entertainment Tonight“.

Фудбалерот и неговата сопруга Викторија Бекам се големи пријатели со кралскиот пар Хари и Меган Маркл, а Бекам во гостувањето во споменатата емисија, истакна дека „ги сака многу и дека ја имаат неговата поддршка“.

-И јас и мојата сопруга ги сакаме Меган Маркл и принцот Хари. Горд сум што можам да видам дека Хари станува добар татко – вели Бекам.

Дејвид Бекам откри и дека со принцот никогаш не разговарал за неговата одлука да го напушти кралското семејство, но смета дека тој заслужува да биде среќен.

– Немаме разговарано за неговото заминување. Разговараме како добри пријатели, што за мене е најважно. Мислам дека вистински ужива во улогата на татко и тоа е нешто за што имавме можност да зборуваме. Кога ќе станете родители, светот ќе ви се промени. Тој и Меган заслужуваат да бидат среќни – истакна Бекам.