Бектеши: Има доволно залихи на основните производи, нема место за паника

Нема место за паника, има доволно залихи, особено за основните производи. Ги следиме трендовите и на увоз и на извоз на соодветните продукти и навремено ќе известиме за секакви мерки што ќе ги преземе Владата по првично направени детални анализи.

Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши по вонредната контолата на маркетот на КАМ во ГТЦ во Скопје што ја направи заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов и инспектори од Државниот пазарен инспекторат.

-Тука сме за да ја следиме чистотата на маркетот и безбедноста на храната, но истовремено и да видиме како функционира имајќи во предвид дека во државата веќе се затворени кафулињата и баровите и граѓаните имаат повеќе време да одат и да купуваат низ маркетите во кои се создаваат гужви. Како Влада и Министерство ќе продолжиме со контролите, а ќе преземеме и дополнителни мерки, изјави Бектеши по контролата на маркетот.

Им порача на граѓните да ги почитуваат мерките и препораките од Владата, но и правилниците од маркетите.

-Сакам да ги убедам граѓаните дека ќе се грижиме за да немаат ценовни шокови и оти ќе преземе соодветни мерки согласно Законот за трговија. Како Министерство за економија имаме можност да предложиме замрзнување на цените на основните производи, а Владата да донесе таква одлука. Тоа е една од опциите што ќе се разгледа на вечерашната седница на Владата и јас сум убеден дека ќе биде прифатена, посочи Бектеши.

Прецизира дека како Влада не може многу да влијаат на цената на увозните производи, но, како што нагласи, секако може да се влијае на висината на давачките што се плаќаат за нив во нашата држава. Додаде дека има неколку варијанти да се интервенира доколку има големо зголемување на цените на увозните производи

Бектеши најави дека ќе се преземат мерки и за помош на стопанствениците за да не ги отпуштаат вработените, особено во секторите туризам и транспорт каде има драстично намалување на работата.

-На вечерашната седница на Владата ќе ги разгледаме и сите предложени мерки од надлежните институции за помош на стопанството, а утре ќе соопштиме какви конкретни мерки ќе преземеме за да му излеземе во пресрет на стопанството, рече Бектеши.

Повика да се почитуваат мерките и одлуките што се донесени од страна на Владата, особено од правните субјекти за, како што рече, да се остави што помалку простор за да се рашири корона вирусот.

-Ако не се почитуваат и ако се утврди дека не се почитуваат мерките ќе следат санкции. Во нашите закони за непочитувањето на мерките се предвидени кривични пријави и во моментот кога ќе утврдиме дека одреден субјект не ги почитува Пазарниот инспекторат ќе поднесе кривични пријави се со цел да се  заштити здравјето на граѓаните, потенцира Бектеши.

Директорот на АХВ Атанасов посочи дека во маркетите се почитуваат мерките и добрите хигиенски пракси.

-Граѓаните деновиве масовно купуваат прехранбени производи. Затоа апелирам да го проверат рокот на трајноста на продуктите и да ги проверат пакувањата да не се случајно оштетени, бидејќи и тоа е една од превентивите околу безбедноста на храната, рече Атанасов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.