Бектеши најави „Старт-ап село“, отворање фирми со 1 евро

Нашата цел во наредните четири години е Северна Македонија да стане регионален акцелератор за старт ап со што ќе станеме центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст. Со воведување на регионалниот акцелератор, во рок од шест месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција на која ги претстави плановите за новиот 4-годишен мандат.

„Меѓу приоритетите за поттикнување на иновативноста во земјата е и од Македонско село, да формираме „Старт-ап село“ кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци“, рече Бектеши.

Министерот додаде дека веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од едно евро и дека за поддршка на бизнисот во наредниот четиригодишен мандат ќе се работи на намалување на трошоците и административните процедури за добивање правна документација за потребите на бизнисот како што се документи од Централен регистар, царина, документација за учество на тендери и други државни институции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.