Бектеши: Нема гаранции дека нема да поскапи храната која до вчера имаше „замрзнати цени“

Нема гаранција дека производите кои до вчера имаа замрзнати цени, регулирани со владините мерки, нема да поскапат, изјави на 1 јуни министерот за економија, Крешник Бектеши по средбата со босанскиот колега, министерот за надворешна трговија Сташа Кошарац. Бектеши истакна дека од компаниите добил ветување дека тоа нема да се случи и дека во случај да се забележат неправилности, односно да се претера со цените, тогаш ќе се реагира.

„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто“, одговори Бектеши на новинарско прашање.

Бектеши додаде дека доколку се забележи злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

„ Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори“, рече Бектеши.

На почеток на април беа замрзнати цените 11 производи овошје и зеленчук, за да се сопре ценовен шок. Мерките важеа до вчера. Од сега, маркетите можат да ги корегираат по сопствена желба. Владата најави дека будно ќе ја следи состојбата.