Бектеши: Ограничените маржи на основните прехранбени производи остануваат до крај на април 2023 година

На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до 30 април 2023 година.

-Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани, се наметна потребата да се продолжи рокот на примена до 30 април 2023 година, напиша министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.

Дополнително на тоа, додаде, Владата овозможи од 1 декември оваа година да се користи субвенционирана електрична енергија кај домашните производители на основните прехранбени производи, се додека трае кризната состојба.

-Целта е со субвенционирана електрична енергија кај домашните производители и регулирана трговска маржа, на пазарот да имаме коригирани цени, потенцира Бектеши.

Во опфат на мерката ќе продолжат да бидат следните производи: – леб бел; сечен на парчиња или цел; шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) со 5 отсто трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.

Потоа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500; макарони и шпагети од тврда пченица; македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто; јајца; урда; кравјо бело сирење и мешано бело сирење; кашкавал; кисело млеко и павлака и јогурт со 10 отсто трговска маржа за трговците на големо (тука се и производителите) и трговците на мало.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.