Бектеши: Политичарите да читаат пред да коментираат, субвенциите за етнички вработувања се дел од владината програма

Вработувањата кои ќе поттикнат добри меѓуетнички односи се вметнати во Владината програма која е изгласана од Собранието, изјави министерот за економија Крешник Бектеши и додаде дека со наредниот предлог буџет за 2021 година ќе се разгледа креирањето на ваквите мерки.

Тој сепак прецизира дека субвенцинирањето за вработувањата нема да важи само за Албанците, туку за сите етникуми и за сите правни субјекти во државата.

-Тоа е содржано во поглавјето за еднакво општество за сите, страна 39, параграф 3 каде е опишано како ќе изгледа мерката. Политичарите да ги читаат мерките пред да даваат коментари – рече Бектеши.

Министерот изјави дека веќе се разгледуваат неколку опции тоа од наредната година да почне да се реализира.

-Мојот личен став и на министерството е дека нашите сектори ќе работат на креирање на такви мерки. Што се однесува на коментарите, јас само би сакал да ве повикам на владината програма која се усвои од страна на собранието, а ние како членови на владата сме задолжени да ја реализираме – рече Бектеши.

Како што појасни, етничката припадност нема да биде пресудна при вработувањата, туку квалификациите.