Бектеши се обиде со извини за скандалот со сликите барајќи оправдување

Министерот за економија Крешник Бектеши само со извинување се обиде да ја оправда грешката со фотографиите  кои осамнаа на платформата „Дома си е Дома“. Сепак, по инсистирање на новинарите прифати дека ќе се превземат мерки и ќе има одговорност, но само ако се утврди дека грешката била намерно направено.

На платформата за добитниците на ваучерите за домашен туризам имаше германско и француско езеро.

„Ако е направена намерна грешка секако дека ќе има одговорност, но треба да се има во предвид дека во рок од седум дена да се креира платформа да се подготват на таков транспарентен начин, и да се издадат 117 илјади ваучери, мислам дека секторот има знаење и работи професионално“, рече Бектеши.

Платформата „Дома си е дома“  беше стартувана пред три дена, но наиде на потсмев на социјалните мрежи, а предизвика реакција и од  авторот на сликата од германскиот град Конигсе. Граѓаните почнаа да споделуваат фотографии од светски туристички дестинации, со опис дека станува збор за македонски знаменитости. Па така Дојранското езеро се замени со слика од Малдивите, Саат кулата во Битола со  Биг Бен во Лондон и слично.  По ова Министерството за економија ја смени фотографијата со пејзаж од Охрид.

Оваа мерка предвидува доделување на ваучер од 6.000 денари кој граѓаните ќе може да го искористат во сите угостителски објекти во земјава. Опфатени се вработени граѓани чиј месечен приход не  надминува 15 илјади денари. Ваучери е предвидено да се доделат на 117 илјади граѓани.