Бектеши вели одговорноста што се бара во партијата е редовна постапка и демократска вредност

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека на претстојното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) од чии редови тој е дел од владиниот кабинет, отворено ќе разговараат за сите прашања што ги засегаат граѓаните и партијата, а одговорноста што би се побарала од одредени членови е редовна партиска постапка и демократска вредност.

Во одговор на новинарско прашање што очекува од претстојното претседателство на ДУИ и дали ќе остане министер, Бектеши рече дека смета оти треба на транспарентен начин да го образложи сработеното од програмата на ДУИ и на Владата и да ја оправда довербата што му е дадена од партијата.

-Имам информаци дека ќе има претседателство на ДУИ, мислам дека уште не е одреден датумот, не го знам, ако има, отворено и транспарентно ќе разговараме за сите теми кои ги засегаат граѓаните и политичката партија и начинот како функционира ДУИ. Во делот на одговорноста што би требало да ја бараат одредени членови, тоа е редовна постапка во сите партии и демократска вредност каде би требало да се зборуваат отворено работите. Почестен сум што првпат сум дел на претседателството на ДУИ, за довербата што ми ја дале членовите, секако дека таа доверба треба на транспарентен начин и да ја образложам и во делот на реализација на програмата на ДУИ и програмата на Владата заради тоа што сите пратеници од ова мнозинство, и на ДУИ и на СДСМ и другите партнери во власта, гласале за оваа програма, рече Бектеши.

Прашан за критиките од неговиот сопартиец Муса Џафери за работата на министрите од ДУИ и одговорноста на вицепремиерот Артан Груби, министерот Бектеши посочи дека за внатрешните работи на партијата ќе се разговара внатре во партјата.

– Колку што сум информиран ќе имаме средба со управата на партијата. Подготвени сме да разговараме за програмата со која ДУИ ги освои изборите и е дел од Владата. Тоа се внатрешни работи на ДУИ и сигурно ќе се дискутираат внатре во партијата, рече Бектеши, по прес-конференцијата во Владата на која информираше за остварените заштеди на струја со мерките што ги донесе Владата од 1 септември годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.