Бектеши: За помалку од една година сите енергетски капацитети се ставени во функција

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека за помалку од една година сите енергетски капацитети се ставени во функција.

– Со децении не биле подготвени сите капацитети да произведуваат електрична енергија. За помалку од една година веќе сите капацитети се во функција и ќе бидат ставени во функција на потребите на бизнисот и на граѓаните. Тоа се покажува и со цените на електрична енергија за малите потрошувачи каде имаме нагло намалуање, а во однос на наредните цени ќе зборуваме во јуни, но од денес можам да ви кажам дека и таму ќе има намалување, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Пекабеско“.

Од АД ЕСМ денеска информираа дека во функција е ставен и третиот блок во РЕК Битола за што беше набавен нов трансформатор од турската компанија „Астор“.

-Монтажата на новиот трансформатор на блокот заврши успешно, но стручни лица од РЕК Битола и од производителот будно ја следат работата на постројката со цел повторното вклучување во системот да помине во најдобар ред, информираа од ЕСМ.

Блок 3 на РЕК Битола повторно е вклучен во работа после 366 дена откако во ноември 2021 година неговиот трансформатор беше оштетен во пожар предизвикан од надворешен фактор. Стариот трансформатор се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Република Србија.

За утре е најавена посета на владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски на РЕК Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.