Бела куќа: Испораките на американски тенкови во Украина може да траат со месеци

Белата куќа синоќа соопшти дека може да бидат потребни многу месеци за моќните американски тенкови што претседателот Џо Бајден одлучи да ги испрати во Украина да стигнат до нивната дестинација.

-Како што ќе се подобруваат временските услови, може да се очекува дека Русите ќе го зајакнат темпото на офанзивата. Мораме да бидеме подготвени за тоа. И знам дека Украинците чувствуваат дека мора да бидат подготвени за тоа, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Тој нагласи дека Вашингтон мора да ја поддржи Украина колку што е потребно и додаде дека нема индикации дека рускиот претседател Владимир Путин има планови за напад на територија на НАТО.

Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера потврди дека САД ќе испратат 31 тенк М1 Абрамс во Украина.

Тој ја опиша одлуката како зголемен ангажман на сојузниците на Украина кои покажуваат дека сè уште се обединети против руската инвазија.