Белата куќа: Бајден бара „решенија“ по одлуката на Врховниот суд за абортусот

Американскиот претседател Џо Бајден ќе продолжи да бара „решенија“ откако Врховниот суд на САД ја поништи пресудата со којашто се гарантираше правото на абортус во земјата, соопшти неговата портпаролка додека Белата куќа разгледува можни извршни уредби.

„Ништо не би можело да ја пополни празнината настаната со ова одлука. Единствен начин да биде пополнета таа празнина е Конгресот да дејствува“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер за новинарите во авионот „Air Force One“ со кој американскиот претседател патуваше во Германија на самитот на седумте најбогати земји на светот.

Жан-Пјер рекла и дека очекува дека ќе има правни предизвици за ограничувањата на државно ниво за жените коишто патуваат во други американски сојузни држави за да извршат абортус.

Додала и дека претседателот Бајден не ги поддржува предлозите на одредени неолиберални кругови меѓу неговата Демократска партија за проширување на составот на Врховниот суд со кој би се израмнила бројката на конзервативните и ткн „прогресивни“ врховни судии, и покрај тоа што не се согласува со последните пресуди за абортусот и оружјето.

Врховниот суд на САД во петокот ја поништи пресудата од 1973 година со којашто абортусот беше легализиран во целата земја, што е одлука за прашање којашто ги предизвикува најогорчените поделби во американскиот политички живот. Врховниот суд одлучи дека сега одделни сојузни држави можат да го ограничат или забранат абортусот.

Американските медиуми уште од 2019 година пишуваат дека станува збор за евидентен тренд на конзервативните пратеници и активистите на кампањата „За живот“ да се поништи пресудата на Врховниот суд од случајот „Роу против Вејд“ од 1973 година со кој на сојузно ниво е дозволено правото на прекин на бременоста. Се надеваа дека новите ограничувања за абортусот ќе дојдат до највисокиот американски суд каде што двајцата нови конзервативни судии би можеле да го соборат споменатиот судски случај.