Претседателот во заминување Џо Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари, изјави во понеделникот портпаролот на Белата куќа.
„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на оној што ќе победи на изборите“, рече портпаролот Ендрју Бејтс.
„Тој и првата дама ќе го испочитуваат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата“, рече Бејтс.
Трамп победи на изборите во САД на 5 ноември, а во Овалната соба ќе се врати на 20 јануари.
Традицијата налага претседателот во заминување и неговата прва дама да се сретнат со новата претседателска двојка утрото на Денот на инаугурацијата и да дојдат заедно во Капитол.
Републиканецот Трамп ја прекрши таа традиција и не присуствуваше на инаугурацијата на демократот Бајден во јануари 2021 година. Трамп беше првиот претседател по Ендрју Џонсон во 1869 година кој одби да присуствува на заклетвата на неговиот наследник.