Белата куќа бара од федералните агенции да го забранат Тик-Ток на нивните уреди

Американските федерални агенции имаат рок од 30 дена да ја отстранат ТикТок од нивните уреди, популарната апликација во кинеска сопственост, нареди Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа.

Апликацијата за споделување видео содржини во сопственост на кинеската компанија Byte Dance, ТикТок наиде на критики од американските пратеници кои сметаат дека апликацијата е закана за националната безбедност, а нејзината употреба веќе беше забранета на крајот на декември на сите службени уреди под надлежност на Претставничкиот дом на САД.

Директорката на канцеларијата, Шаланда Јанг побара од федералните агенции „да ја укинат и забранат инсталацијата на апликацијата“ на уредите и системите што тие ги поседуваат или контролираат и да го „забранат интернет сообраќајот“ од нивните уреди до апликацијата.

Забраната доаѓа четири дена откако Европската комисија им нареди на своите службеници да го отстранат ТикТок од службените и приватните мобилни телефони, наведувајќи ја „заштитата“ на институцијата како причина, т.е. грижата за заштита на податоците.

Канадската Влада најави забрана за користење на ТикТок на мобилните уреди на своите вработени, наведувајќи го како причина „неприфатливото ниво на ризик“ за приватниот живот и безбедноста.

Во 2020 година, Индија ја забрани употребата на кинески апликации.

Со повеќе од една милијарда корисници ширум светот, вклучувајќи и над 100 милиони Американци, ТикТок, според истражувањето на агенцијата „We Are Social“, е шестата најпопуларна социјална мрежа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.