Белата куќа вети одговор на секое тестирање во Северна Кореја

САД ќе бидат многу разочарани доколку Северна Кореја изведе нуклеарно или тестирање на проектил со долг достреел, и како најголема воена и економска сила во светот ќе одговори на тоа, изјави во неделата Роберт О’Брајан, советник за национална безбедност во Белата куќа.

Вашингтон има „многу алатки во својата кутија“ за да одговори на такво тестирање. „Доколку (севернокорејскиот челник) Ким Џонг-ун така постапи ќе бидеме многу разочарани, а тоа и ќе го покажеме“, порача Роберт О’Брајан во емисијата „The Week“ на американската телевизиска мрежа ABC News.

Пјонгјанг од Вашингтон бара да понуди нова иницијатива за да се надминат несогласувањата околу севернокорејската нуклеарна и балистичка програма. Оваа изолирана држава на почетокот од декември ги предупреди САД дека неуспехот во наоѓањето заеднички јазик потенцијално ќе резултира со непосакуван „божикен подарок“.

Американските воени команданти предупредуваат дека тој потег на Северна Кореја би можелo да се однесува на тестирање на интерkонтинентален бaлистички проектил, што Пјонгјанг го нeма направен од 2017 година, а од тогаш, исто така, не изведува ниту тестирање на нуклеарно оружје.

О’Брајан рече дека САД и Северна Кореја ги отвориле каналите за комуникација, но не даде повеќе поединости. Истакнa дека Вашингтон се надева дека Ким ќе ги одржи своите ветувања за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Советникот на Белата куќа потсети дека САД и натаму се најголемата воена сила со огромна економска моќ и дека преку тоа може да создаде огромен притисок врз Северна Кореја.

Пјонгјанг се закани со „подарок“ и покрај тоа што Трамп и Ким изминатите две години започнаа директни меѓусебни преговори и развиле добар однос, смета О,Брајан.

„Можеби го променил мислењето. Но мораме да чекаме и да видиме. Будно ќе ги следиме. Тоа е ситуација којашто, секако, нѐ загрижува“, заклучи советникот на Белата куќа.

Ким во саботата одржал состанок со водечките луѓе на севернокорејската комунистичка партија на кој се дискутирало за важни прашања, во пресрет на истекот на рокот од една година кој му го постави на САД, објави во неделата службената севернокорејска новинска агенција KCNA.