Белата куќа ги објави првите фотографии од средбата на Помпео со Ким во Пјонгјанг

Белата куќа во четвртокот, неколку часа откако поранешниот шеф на Централната разузнавачка агенција (CIA) беше потврден за нов шеф на дипломатијата на САД, ги објави првите фотографии од средбата на Мајк Помпео со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун претходно месецов во Пјонгјанг.

Помпео, кој претседателот Доналд Трамп го именуваше за државен секретар, како директор на CIA престојуваше во тајна посета на Северна Кореја во текот на продолжениот католички велигденски викенд, кога се сретна со Ким, при што според објавите биле разгледувани поединостите за најавениот самит меѓу двајцата претседатели.

Со оваа посета Помпео стана највисок официјален американски претставник кој ја посетил Северна Кореја, по тогашниот шеф на раузнавањето Џејмс Клапер во 2014 година.

Американскиот Сенат го потврди Помпео во четвртокот за државен секретар, а поранешниот прв разузнавач веднаш замина на турнеја на средби со клучните сојузници во Европа и на Блискиот исток. Тој од петок до понеделник ќе ги посети Брисел, Ријад, Ерусалим и Аман.

Претседателот Трамп претходно во вторникот изјави дека САД се ангажирани во директни разговори на „извонредно високи нивоа“ со Северна Кореја да се обидат да го договорат самитот меѓу него и комунистичкиот лидер Ким Џонг-ун. Трамп првично предизвика недоумици алудирајќи дека директно разговарал со Ким, но подоцна појасни со зборовите „Да го ставиме малку покусо од највисокото ниво“.

Трамп, кој тогаш беше во придружба на јапонскиот премиер Шинзо Абе во неговиот приватен клуб на Флорида, рече дека верува во позитивен ефект од дипломатскиот притисок врз Северна Кореја, но додаде дека е можно самитот, првпат предложен во март кога беше соопштено дека може да се случи на крајот од мај или почетокот од јуни, можеби и нема да се случи.

Напорите за организирање состанок без преседан во историјата меѓу американски и севернокорејски челник, помогна да се намалат тензиите околу развојот на нуклеарните проектили со долг дострел на Пјонгјанг способни да погодат цел на континенталната територија на САД. Ким се согласил да разговара за денуклеаризација, според американските и јужнокорејските официјални претставници.

„Имавме директен разговор на многу високо, извонредно високо ниво, со Северна Кореја. Навистина верувам дека постои многу добра волја, се случуваат многу добри работи… Како што секогаш велам, ќе видиме што ќе се случи, бидејќи на крајот важен е резултатот, а не фактот дека размислуваме да одржиме средба или да имаме средба“, рече тогаш Трамп.