Белата куќа сепак ќе му дозволи на новинарот на CNN да ја задржи својата акредитација

Белата куќа соопшти во понеделникот дека донела конечна одлука дека ќе му ја врати акредитацијата на известивачот на телевизијата CNN, Џим Акоста, кој повеќе не мора да стравува дека повторно ќе му биде одземена како што претходно во текот на денот беше најавено, со што се става крај на судската битка, објави CNN.

Белата куќа на 7-ми ноември му ја укина акредитацијата на новинарот Џим Акоста поради „непристојно однесување“ на прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп кој му кажа дека е „безобразен“, по што телевизијата CNN се обрати до судот со тврдење дека се повредени првиот и петтиот амандаман од уставот на САД.

Акоста и CNN од судот бараа следната седмица итно да се одржи рочиште, откако Белата куќа во петокот новинарот писмено го известила дека повторно ќе му ја укине акредитацијата, по истекот на судскиот налог. Белата куќа, пак, е против итното рочиште, образложувајќи дека „не само што во моментов нема никаква итност, туку и во овој момнет невозможно е да се знае дали наредните чекори воопшто ќе бидат потребни, а уште помалку кои чекори тоа би биле“. Но одлуката на судијата од пред три дена да му се врати акредитацијата го поништува писмото на Белата куќа за можното повторно повлекување на акредитацијата по истекот на привремениот период.

Окружниот судија Тимоти Кели, кој на Белата куќа и’ нареди да му ја врати новинарската акредитација на Акоста додека не биде одлучено по тужбата на CNN, при носењето на одлуката појасни дека судот во одлуката не се занимавал со меритумот на тужбата во која се наведува дека е повреден првиот уставен амандман кој ја граранатнира слободата на говорот и новинарството, туку се концентрирал на тоа дали е осигурано праведно постапување во текот на одземањето на акредитацијата.

Пред судот, правниците од американската влада изјавија дека според првиот амандман не постои право за пристап во Белата куќа, како и дека Акоста е казнет поради непристојно однесување на конференцијата за новинарите, а не поради критикување на претседателот на САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.