Белата куќа спремна за самитот на 12-ти јуни

Белата куќа е подготвена планираниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун да се одржи на 12-ти јуни во Сингапур, како и што беше планирано изјави во вторникот портпаролката Сара Сандерс.

„Претседателот смета дека разговорите одат добро… како и дека состаноците коишто се одржуваат оваа седмица… сигурно се знак за напредок“, изјавила портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, за новинарите коишто патуваат со американскиот претседател Доналд Трамп во Нешвил.

„Ќе бидеме подготвени доколку се одржи на 12-ти јуни. Сигурно ќе бидеме спремни и доколку од некои причини се одржи и подоцна, и за тоа ќе бидеме подготвени“, додала Сандерс.

Трамп претходно во вторникот потврди дека поранешниот шеф на севернокорејското разузнавање Ким Јонг-чол патува во Њујорк, додека продолжуваат подготвителните разговори за планираниот историски состанок на врвот меѓу САД и Северна Кореја.

Опишувајќи го Ким Јонг-чол како „потпретседател на Северна Кореја“, Трамп на Twitter потврди дека „во моментов се одвиваат средби на коишто се подготвува самитот“.

Сегашниот потпретседател на Централниот комитет на владејачката Работничка партија, Ким Јогн-чол, ќе биде највисокиот севернокорејски функционер кој последните две децении ги посетил САД.

„Составивме одличен тим за нашите преговори со Северна Кореја“, се пофали уште Трамп на својот микроблог.