Вооружените сили од 14 земји-членки на НАТО денеска почнаа годишна вежба за симулирање на одбраната на територијата што ја покрива Алијансата користејќи нуклеарно оружје.
Во вежбите, наречени „Steadfast Noon”, учествуваат 60 авиони, вклучувајќи борбени авиони, авиони за надзор и полнење гориво, како и бомбардери Б-52 од САД, кои ќе летаат од Северна Дакота.
Вежбата ќе продолжи до 30 октомври, соопштија од Алијансата, и таа е редовна, се одржува секоја година и нема директна врска со настаните околу војната во Украина, објасни минатата недела генералниот секретар на пактот Јенс Столтенберг.
Домаќин годинава ќе биде Белгија. Во вежбата ќе се користат само макети на нуклеарно оружје, објаснуваат од НАТО.
Планирано е да се реализираат летови над Белгија, Северното Море и Велика Британија од база лоцирана во околината на Брисел. Целта на вежбата е да се тестира подготвеноста на нуклеарните сили за одвраќање.