Белгија го одби шпанскиот налог за апсење на Пучдемон

Белгискиот судија кој требаше да одлучува за екстрадицијата на поранешните членови на каталонската влада, Карлес Пучдемон и Тони Комин, во четвртокот го поништи европскиот налог за апсење издаден од Шпанија, бидејќи двајцата политичари добиле статус на пратеници во Европскиот парламент.

Пучдемон и Комин се обвините во Шпанија за организирање на референдумот за независност на Каталонија на 1-ви октомври 2017 година, кој беше забранет од Уставниот суд во Мадрид. Потоа во покраинскиот парламент учествуваа во прогласувањето Република Каталонија, која не заживеа. Откако шпанската влада почна кривично да ги гони, двајцата беа во групата каталонски функционери кои заминаа во егзил во Белгија. Шпанското правосудство повеќепати од евроските земји членки на ЕУ бараше нивна екстрадиција, но досега беше одбивано. Мадрид повторно побара нивно предавање пред два и пол месеца по долгогодишните затворски пресуди за 12 нивни саработници кои останаа во Шпанија.

Пучдемон и Комин беа избрани за новиот состав на Европскиот парламент на изборите во мај 2019 година, но тогаш парламентот одби да им ги издаде акредитациите, па не го стекнаа статусот на европратенции. Но во декември Судот на Европската унија пресуди дека нивниот соработник Ориол Жункерас, поранешен потпретседател на каталонската влада, треба да биде пуштен од притвор во Шпанија, за да го заземе местото во Европскиот парламент. Жункерас, имено, исто така беше избран на споменатите европски избори.

По пресудата во полза на Жункерас, Пучдемон и Комин повторно ги побараа акредитациите кои им беа одобрени на 20-ти декември. Со тоа станаа членови на Европскиот парламент и добија пратенички имунитет. Врз основа на овој имуните, судот во Белгија во четвртокот го поништи европскиот налог за апсење од Шпанија.

„Белгиското правосудство го призна нашиот имунитет и одлучи да го суспендира налогот за апсење и барањето за екстрадиција. Но сега сѐ уште го чекаме ослободувањето на Жункерас кој има ист имунитет, како и ние. Шпанија мора да реагира на ист начин како и Белгија, почитувајќи го законот“, објави Пучдемон на Twitter.

Жункерас во октомври беше осуден на 13 години затвор поради организирањето на забранетиот референдум, и се наоѓа во затвор. Шпанското државн обвинителство смета дека пресудата на Судот на ЕУ се однесува само на периодот додека се наоѓал во притвор, а не и откако е осуден.

Шпанскиот Врховен суд сѐ уште се нема произнесено. Судија од овој суд би можел да побара од Европскиот парламент укинување на пратеничкиот имунитет за Пучдемон и Комин, за да може да бидат екстрадирани од Белгија, за да им се суди во Шпанија.