Белгија заинтересирана за лекот Тоцилизумаб за тешко заболените од Ковид-19

60

Лекот Тоцилизумаб кој делува на имунолошкиот систем покажал убедливи резултати кај тешки случаи на заболени од Ковид-19, покажа неодамна француска студија. Mедицинската заедница во Белгија смета дека оваа опција е „интересна“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Тоцилизумабот е веќе регистриран во Белгија, но се користи за друг вид на болести, пред сѐ на одделот за интензивна нега.

Овој лек делува на таков начин што го блокира рецепторот да одреден протеин на имунолошкиот систем кој игра важна улога во процесот на воспаление.

-Тукушто излезе прелиминарна студија во Франција која изгледа позитивно, јасно е дека ќе ни треба уште податоци за да имаме потврда, но за нас оваа опција е интересна и веќе се тестира во нашата земја, рече професорот Ив Ван Латем, од кризниот штаб за коронавирусот во Белгија.

Според досегашните искуства во повеќе земји, Тоцилизумабот „значително“ го намалил бројот на пациенти на интензивна нега, според француските здравствени власти. Но, резултатите од оваа прва студија треба да бидат консолидирани во наредните недели.

Тоцилизумабот се состои од антитела создадени во лабораторија и кои произлегуваат од еден ист сој на лимфоцити за таргетиран одговор. Најчесто се користи за полиартрозна реума, но повеќе пациенти заболени од Ковид-19 на кои нагло им се влошила состојбата покажале подобрување на состојбата. Научниците не констатирале негативни нус ефекти кај пациентите третирани со овој лек ни по 14 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.