Белгиски велосипедист физички нападнат бидејќи тренирал

Белгискиот велосипедист Харм Ванхуке, член на белгиската екипа „Лото Соудал“ која се натпреварува во Светкиот куп (World Tour), преку личната фејсбук страница побара помош околу идентификувањето на возач за кој тврди дека во саботата физички го нападнал, додека овој 22-годишник бил на трениг-возење по улиците на Албеке, град во Западна Фландрија.

Во Белгија поради ширењето на коронавирусот забранети се сите непотребни патувања, но возењето велосипед не е забрането.

Ванхуке на својот профил на Facebook напиша дека возачот на црно комбе го принудил да запре крај патот, а потоа физички го нападнал. Напаѓачот го опишува како силен маж на возраст меѓу 40 и 50 години.

„Излезе агресивно, а јас го молев да го задржи растојанието. Кога му го кажав тоа, намерно неколкупати ме удри со тупаница в лице и потоа избега. Тоа е сѐ само не нормално во време на короната“, напиша велосипедистот во пораката во која бара помош за идентификација на напаѓачот.

Пет дена претходно, неколкумина италијански велосипедисти, исто така, беа нападнати од возачи. Во Италија возењето велосипед, исто така, не е забрането, но не се препорачува, за да се избегнат можните повреди за кои е потребен медицински ангажман, за што во овој момент во Италија нема капацитети.

Шпанија и Франција, пак, го забранија возењето велосипеди во секоја прилика и случај, додека траат вонредните мерки за справување со коронавирусот.