Белгиските власти ги одбија сите барања за дозвола за протест против рестриктивните мерки

Белгиските власти ги одбија сите барања за дозвола за протест против рестриктивните мерки воведени за спречување на епидемијата од Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Повеќе иницијативи се појавија на социјалните мрежи, откако слични протести се одржаа во соседна Холандија и доведоа до немири.

Барањата за дозвола за протест во недела во центарот на Брисел се сите одбиени и бриселските власти им препорачуваат на граѓаните да не одат на демонстрациите кои би можеле сепак да се одржат и покрај забраната.

Портпаролската служба на полицијата во Брисел порача дека дозволи не се издадени затоа што нема гаранции дека ќе се запазат мерките за безбедност и хигиена.

Минатата недела во центарот на Брисел се одржа мирна демонстрација против “класната правда“, на која не е регистриран ниту еден инцидент, но полицијата сепак приведе над 200 лица.