Белград бара Србите осудени за воени злосторства казните да ги служат во татковината

Србија ја повтори молбата до Механизмот за меѓународни кривични судови за поранешна Југославија (MICT) на српските државјани кои ги издржуваат затворските казни во несоодветни услови да им се овозможи остатокот од казните да ги минат во српските затвори, со постојан надзор на овој механизам.

На претседателот на MICT, Теодор Мерон, оваа молба во текот на нивната средба во владата на Србија му ја повторила министерката за правда Нела Кубуровиќ. А позицијата на некои од осудените српски државјани кои ги издржуваат затворските казни била една од темите и на средбата на Мерон и со шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.

Во соопштението од српското министерство за правда се истакнува дека барањето на Белград „повеќепати беше иницирано и во Советот за безбедност на ОН, но дека изостана позитивен одговор поради негативните ставови на Механизмот“. И Мерон, според истото соопштение, „изразил загриженост поради третманот на поедини осуденици во Естонија“, и рекол дека „се разгледува можност за нивно преместување во некоја друга држава“.

Мерон во текот на посетата на Србија истакнал дека тој и уште еден колега судија „уште пред неколку години имале позитивен став“ за можноста српските државјани да ги издржуваат казните во Србија, но дека со тоа не се согласило мнозинството други судии. Оценувајќи ја соработката на MICT со Србија „многу добра“, Мерон изразил уверување дека таа ќе продолжи и со следниот претседател на Механизмот.

Кубуровиќ рекла дека Србија веќе со месеци ја очекува одлуката по жалбата Амикус Куриае (пријател на судот) спрското правосудство да го преземе случајот против двајца фунцкионери на Српската радикална партија (СРС), Верица Радета и Петар Јојиќ, поради попречување на праврдата во случакот на нивниот партиски челник Воислав Шешељ пред Хашкиот трибунал. Министерката за правда ја истакнала подготвеноста на српското правосудство да го процесуира овој случај, се наведува во соопштението.

Шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, со Теодор Мерон разговарале претходно попладнето за напорите да се осигури повикување на одговорност за воени злосторства на национално ниво во регионот, како и за положбата на поедини српски државјани на извршување на затворските казни. Дачиќ и Мерон, како што објави српската влада, разговарале и за давање помош нa Механизмот на националното правосудство во Србија во предметите на воените злостортва, како и за „формирање информативен центар за Хашкиот трибунал во Србија и другите земји во регионот“.

Во рамките на прошаталната посета на Србија, судијата Мерон во вторник ќе се сретне и со српската премиерка Ана Брнабиќ. По Србија, Мерон ќе ги посети и Босна и Херцеговина и Хрватска.