Премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи постигнаа напредок по прашањето за полицијата во Косово, а останатите нерешени прашања ќе бидат разгледани во следниот круг од дијалогот Белград – Приштина на 13 декември, пренесе „Танјуг“.
По завршениот, доцна синоќа 19-ти круг од дијалогот на двајцата премиери со посредство на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, Ивица Дачиќ, рече дека процесот на регистрација на косовски Срби кои сакаат да служат во косовската полициска служба, треба да започне во наредните денови. Дачиќ оцени дека овој договор е во интерес на косовските Срби.
Српскиот премиер соопшти дека следниот круг од дијалогот ќе биде посветен на правосудството и по конкретно на прашањето за судот во Косовска Митровица, дали во градот ќе има еден или два судови.
Косовскиот премиер Хашим Тачи, додал дека се согласиле цивилната заштита во северно Косово да биде распуштена.
Вчерашната средба беше организирана непосредно пред извештајот на Кетрин Ештон пред Советот на министрите за надворешни работи од ЕУ на 17 декември, на кој треба да биде решено кога Србија ќе започне преговори за членство во ЕУ.