Белград тврди дека и Соломонските Острови го повлекле признавањето на Косово, Приштина негира

Соломонските Острови го повлекле признавањето на еднострано прогласената независност на поранешната јужна српска покраина, објавија приштинските медиуми, а оваа информација ја потврди и официјален Белград, но косовското министерство за надворешни работи негира дека го примило овој дипломатски документ.

Приштинскиот дневен весник Koha наведива дека споменатата земја во Океанија со писмена нота го известила косовското министерство за надворешни работи дека го повлекува признанието на Косово, додека телевизијата KTV наведува дека имала увид во две дипломатски ноти упатени до приштинските власти.

Информацијата за повлекувањето на признавањето го потврди и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за агенцијата Танјуг, а генералниот секретар на српското министерство за надворешни работи Вељко Одаловиќ за Радио-телевизија Србија (РТС) коментираше „Ќе ги има уште“, мислејќи на повлекувања на признавњето на Косово.

Претставништвото на Соломонските Острови во Австралија на 28-ми ноември и’ испратило на косовската амбасада во оваа земја нота со којашто известува дека ја испраќа својата одлука на своето министерство за надворешни работи за повлекување на признавањето на Косово, објави порталот на споменатиот приштински дневен весник.

Косовското министерство за надворешни работи инсистира дека од Соломонските Острови не добило никаков официјален документ. „Низ официјалните канали Министерството не примило ниеден официјален докуимент“, одговориле од косовската дипломатија со порака дека станува збор за „продолжување на српската пропаганда“.

Од друга страна, пак, Белград тврди дека досега признавањето на косовската независност го повлекле вкупно единаесет држави: Гранада, Комори, Доминикана, Суринам, Либерија, Сао Томе и Принсипе, Гвинеа Бисао, Бурунди, Папуа Нова Гвинеа, Лесото и Соломонските Острови.

Белград и Приштина се натпреваруваат последните денови околу бројот на земјите кои го повлекле меѓународното признание на косовската независност, а сето тоа во екот на големите тензии кои во последно време дополнително го поттикна одбивањето на Интерпол да го прими Косово во членство, поради што во Белград имаше чувство на триумфализам, а Косово оцени дека одбивањето е резултат на силната српска негативна кампања. Но тогаш косовскиот претседател Хашим Тачи предупреди дека според разултатите од гласањето, произлегува дека и некои земји кои го признале Косово не гласале за негов прием во меѓународната полициска организација. Како реакција на тоа следеше кревање на косовските намети за српските стоки, прво за 10 а потоа и за 100 отсто, како и продолжување на меѓусебните обвинувања за кршење на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

Косовската независност, прогласена во 2008 година со поддршка на САД и водечките земји на ЕУ, којашто Србија не ја признава, е признаено според Приштина од повеќе од сто земји во светот. Меѓутоа, Косово се’ уште не е примено во Обединетите нации, што во тамошниот Совет за безбедност го блокираат Русија и Кина, две од петте постојани членки на ова тело со право на вето.