Белорусија: Шеф на политичка партија, американски адвокат и уште три лица осудени на повеќегодишни затворски казни

Пет лица, меѓу кои и шеф на политичка партија, како и американски адвокат, осудени се денеска во Белорусија на повеќегодишни затворски казни поради „обид за државен удар“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во април 2021 година изјави дека го спречил обидот планиран од САД, претставувајќи го како „обид за атентат“ врз него и неговото семејство.

Според белоруската организација за одбрана на човекови права, Вјасни, меѓу осудените се политикологот и литературен критичар Александер Федута, шефот на партијата Народен фронт, Ригор Кастусев и адвокатот Јури Зјанковиќ, кој има и американско државјанство.

Зјанковиќ е осуден на 11 години затвор поради организирање и водење екстремистичка група. По 10 години затворска казна добија Федута и Кастусев затоа што се прогласени за виновни за вршење заговор да „преземат власт преку неуставни мерки“. Другите се осудени на две и пол години затворска казна.

Еден од сведоците во процесот беше и Роман Проташевиќ, опозиционен новинар уапсен во мај 2021 година, кога Белорусија пренасочи комерцијален авион што леташе над нејзина територија. Тој изјави дека учествувал преку видео – врска на состаноци со обвинетите за наводниот заговор.

Според Александер Федута, „планот за државниот удар“ го покренал официр од белоруската тајна служба КГБ, кој се инфилтрирал во групата.

– Верував во заговорот затоа што сакав да верувам. Чесен човек не можеше да спречи да биде огорчен поради тоа што се случува во земјата, се изјасни тој во судот, признавајќи дека „учествувал“.

Случајот доби јавност неколку месеци по големите демонстрации поради повторниот избор на Александар Лукашенко за претседател, на изборите во август 2020 година, што многумина ги сметаат за лажни. Властите жестоко ги задушија протестите и ја натераа опозицијата на егзил во странство.