Белорусија вели дека по притисокот од НАТО се решила да го прифати руското нуклеарно оружје

Белорусија во вторникот соопшти дека ја донела одлуката да го прифати руското тактичко нуклеарно оружје по повеќегодишните притисоци од САД и нивните сојузници во НАТО на нејзините граници кои континуирано преземаат акции за промена на политичката и геополитичката насока на земјата.

Рускиот претседател Владимир Путин како одговор на британските најави дека на Украина ќе ѝ доставува артилериска и друга муниција со осиромашен ураниум, како ѝ се поголемото посредно учество на Западот во украинската војна и американските симулации на нуклеарно бомбардирање на Санкт Петербург минатата седмица, порача дека во иднина Русија ќе настојува да распореди тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија.

Белоруското министерство за надворешни работи ја објасни во вторникот одлуката на Минск за соработката со Русија во соопштение, наведувајќи дека таа претставува чекор во заштитата на земјата од заканите кои доаѓаат по неа од Западот.

„Во текот на последните две ипол години, Република Белорусија беше изложена на политички, економски и информациски притисок од страна на САД, Обединетото Кралство и нивните сојузници во НАТО, како и од државите членки на Европската унија“, се наведува во соопштението од Минск.

„Имајќи ги предвид овие околности, како и оправданата загриженоста и ризиците во сферата на националната безбедност коишто произлегуваат од нив, Белорусија е присилена да одговори со јакнењето на сопствените безбедносни и одбранбени капацитети“, додава белоруското министерство за надворешни работи.

Од Минск, исто така, порачуваат и дека руските нуклеарни планови нема да бидат во спротивност со меѓународните договори за неширење на нуклеарното вооружување, бидејќи Белорусија самата нема да има контрола над таквото оружје, како и што е случајот со американското нуклеарно оружје распоредено во Европа.

Кон средината на февруари белорускиот претседател Александр Лукашенко во текот на средбата со рускиот колега по должност Владимир Путин во резиденцијата Ново-Огарево крај Москва изјави дека Белорусија ги исполнила сите преземени обврски во областа на безбедноста во рамките на Сојузната држава (со Русија). Белорускиот челник тогаш во текот на разговорите вети дека „конкретно“ ќе се насочи на активностите во таа сфера.

Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. На тоа претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заеднички државен сојуз. Според Договорот за Унијата, секоја држава останува суверена, но на граѓаните на другата држава им дава право на престој и државјанство. Унијата промовира економска интеграција, но пред две децении пропаднаа обидите за воспоставување заедничка валута. Потписничките се должни и една на друга да ѝ помогнат во случај на напад од трета земја.

Според овој договор, активна е обврската за формирање заедничка регионална борбена групација. Во Белорусија во моментов се проценува дка има до 15.000 руски војници кои континуирано изведуваат заеднички маневри со белоруските единици на територијата на земјата. Според Минск, според претходниот договор со Моксва, доколку дојде до воена агресија врз Белорусија, тие сили заедно ќе дејствуваат во одбраната заедно со белоруските трупи.