Белоруската опозиционерка Колесникова е приведена на границата со Украина, ден откако беше „киднапирана“

Една од водечките белоруски опозиционерки Марија Колесникова е приведена на границата со Украина, ден откако исчезна во Минск.

Белоруските власти кажаа дека таа се обидела да ја помине границата во утринските часови, но била задржана и приведена. Украинската страна потврди дека само двајца нејзини соработници ја поминале границата.

Белоруски медиуми вчера објавија дека Колесникова била киднапирана од двајца маскирани мажи на улица во Минск, по што била ставена во минибус.

„Таа пристигна на границата со уште две лица во БМВ. Возилото потоа нагло забрза, по што Колесникова излезе надвор и почна да се движи кон Украина“, кажа официјално лице од белоруската гранична контрола.

Колесникова, која неодамна најави дека ќе формира нова политичка партија, е последната од трите жени кои се здружија против претседателот Лукашенко која остана во земјата, откако Вероника Цепкало и претседателската кандидатка Светлана Тихановскаја избегаа во странство по изборите. Владата покрена криминален случај против лидерите на опозицијата, обвинувајќи ги дека сакале да ја преземат власта и ја загрозиле безбедноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.