Белоруската полиција апси студенти на националниот штрајк во Минск

Полицијата во Минск уапси студенти кои одговориле на повик на опозицијата да учествуваат на национален штрајк за изразување на незадоволство од државната политика. Полицијата почна да ги апси студентите кои беа во поворка од околу 100 луѓе во центарот на Минск и насилно да ги става во полициски возила.

Вчера истече ултиматумот од опозициската лидерка Светлана Тихановскаја до актуелниот претседател Александар Лукашенко. Клучните барања во ултиматумот се оставка на Лукашенко, крај на насилството и ослободување на политичките затвореници, јави агенцијата ТАСС.

Опозицијата денеска ги повика граѓаните да започнат генерален штрајк, но претставникот на белоруската влада изјави дека белоруската индустрија работи како и обично и дека производството не е запрено.

Од друга страна, Тихановскаја на Твитер денеска објави дека кон националниот штрајк се придружуваат голем број вработени во мали и големи бизниси, поддржани од студенти и пензионери.