Белоруски полицаец пукал во нозете на маж кој сакал да го запали

Алкохолизиран возач на автомобил во Белоруија полеал со бензин полицаец и се обидел да го запали, а се откажал од намерата откако полицскиот службеник му пукал в нозете и го ранил, соопшти во саботата тамошното министерство за внатрешни работи.

Инцидентот се случил во саботата утрото во близина на Краснопол, кога сообраќајната полиција забележала сомнително движење на автомобил и решиле да го запрат, но возачот ги ингорирал наредбите и се обидел да побегне. Според полицијата, возачот бил идентификуван како 25-годишен локален жител, а во возилото имало уште двајца негови соселани, сите тројца во алкохолизирана состојба. Возачот немал ниту возачка дозвола, се додава.

„Во текот на приведувањето, тие активно се спротиставувале, кинејќи ја униформата на полицајците а едниот од нив неколкупати го удриле по лицето и се обиделе да му го одземат службеното оружје. Неколкуте предупредувачки истрели во воздух не ги сопреле напаѓачите. Напротив, еден од нив земал канистер со бензин кој го истурил врз еден од полицајците и службеното полициско возило, заканувајќи се дека ќе ги запали“, се наведува во соопштението кое го цитира државната новинска агенција БелТА.

Во соопштението се истакнува дека откако во рацете на напаѓачот се појавила запалка, службениците го употребиле службеното оружје пукајќи кон нозете на возачите и на еден од неговите сопатници. До пристигнувањето на медицинска екипа, полицајците на повредениот му укажале итна помош, се додава.

Во соопштението инцидентот не се поврзува никако со актуелните масовни протести во Белорусија по повторниот избор на претседателот Александр Лукашенко. Се додава само дека инцидентот се истражува и оти возачот и еден сопатник претходно биле десетици пати осудувани и административно (прекршочно) казнувани, меѓу другото и за возење во алкохолизирана состојба.