Бензема промаши пенал за победа на Реал

Првпат сезонава фудбалерите на Реал Мадрид останаа без лигашка победа, откако во последниот неделен натпревар од седмото коло на шпанското првенство одиграа на својот „Сантијаго Бернабеу“ 1:1 со Осасуна.

По шесте победи во низа дојде првото реми за мадридските „Кралеви“, па сега на врвот на табелата двата голем ривала Реал и Барселона се израмнети си по 19 бодови. За Осасуна, исто така, ова беше првиот нерешен резултат сезонава, и сега со 13 бодови е шеста на табелата.

Реал поведе кон крајот на првото полувреме, во 42 минута, со голот на Виниус Жуниор. Но многу брзо по почетокот на вториот дел, во 50 минута Осасуна ја поништи предноста на домашните, а стрелец за 1:1 беше Кике Гарсија.

Во 78 минута се чинеше дека сите три бода сепак ќе останат во Мадрид, кога гостинскиот играч Давид Гарсија беше исклучен, а Карим Бензема доби шанса од белата точка по вторпат да го доведе својот тим во водство. Но Французинот ја погоди стативата, а минута подоцна Бензема сепак постигна погодок но беше поништен поради офсајд.

Претходно во неделата интересен натпревар со дури осум голови одиграа Жирона и Реал Сосиедад, а гостите од Сан Себастијан славеа со 5:3.

Гостите поведоа во 8 минута преку Александер Серлот, но домашните во неколку минути направија резултатски пресврт со головите на Родриго Рикелме во 23 и на Арно Маринтез во 27 минута, а Серлот во 42 минута повторно погоди за Сосиедад и на одмор се замина без предност. На самиот почеток од вториот дел, во 48 минута, домашните повторно беа во водство преку Валентин Кастељанос, но до крајот гостите трипати ја погодија мрежата на домашните, преку Брес Мендез во 55, Мартин Зубименди во 71 и Такфуса Кубо во 85 минута, а Жирона не успеа да возврати.

Реал Сосиедад е на седмото место со 13 бодови, додека Жирона со седум бодови падна на 13-то место.

Селта во Виго минимално со 1:0 го победи Реал Бетис, со раниот гол во 9 минута на Габри Веига. Гостите од Севилја, исто така, рано во 20 минута остана со играч помалку, откако „поцрвене“ Луиз Фелипе, па Селта до крајот на мечот успеа да ја задржи минималната предност.

За Бетис по петте победи ова беше вториот пораз сезонава но остана на четвртото место со 15 бодови, додека Селта е 10-та со десет бодови.

Колото завршува во понеделник со мечот меѓу Рајо Вањекано и Елче.