Бензините поевтинија за 2,50 денари, дизелот за денар ипол

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска одлучи да ја намали малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, за 2,50 ден/лит, во однос на малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт утврдени на 1 април 2022 година.

Според најновата одлука, од утре, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 81,00 ден/лит, додека на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе биде 83,00 ден/лит.

ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поевтинува за 1,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена  ќе изнесува 82,00 ден/лит.

РКЕ објави дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка се намалени кај бензините во просек за 1,646 отсто или за 17,450  долари за тон, кај дизелот намалувањето во просек е за 2,275 отсто или за 25,900 долари за тон, а кај екстра лесното масло во просек за 1,931 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 55,8040 денари за долар и е за околу 0,223 отсто понизок од курсот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.