Бензините поскапеа за 1,5 , дизелот за два денари по литар

Цената на бензините од ноќеска на полноќ се зголемува за 1,5 денар по литар, а дизелот поскапува за два денара, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,54 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 81 денар за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 83, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 73,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 1,5 денари за литар поскапува и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) кое ќе се продава за 73 денари за литар. За 1,815 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 46,537 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена кај бензинот во просек за 3,662 отсто и кај дизелот за 4,010 отсто, како и за околу 0,347 отсто повисокиот курс на денарот во однос на доларот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.