Берберот Попај, скопскиот симбол за хуманост на дело

Потребата и желбата да му се помогне на својот ближен порано се сметала за верска норма. Денес, во време на поместени морални вредности, секоја мала грижа за благосостојбата на човекот го опфаќа поимот филантропија.

Суштината на филантропијата не е наметнување надмоќ кон послабите, туку покажување емпатија и почит.

Во денешно време е доблест да бидеш хуман, а филантропијата во модерна смисла на зборот подразбира реализација на индивидуална иницијатива за постигнување општо добро и грижа за заедницата.

Како и секаде во светот, така и кај нас, постојат луѓе, здруженија и фондации кои се грижат за доброто на своите сограѓани. Синоним на солидарноста беше и ќе остане македонскиот филантроп Тоше, кој безусловно се залагаше за похумано општество. Бројни бизнисмени и ѕвезди на македонската јавност со своите донации помагаат во подобрување на условите на живот во нашата средина.

Доблест е да се помогне, а како пример за солидарност ќе го споменеме Попај. Но не мислиме на јунакот Попај на Оливија, туку за многумина добро познатиот бербер, скопјанецот Хусеин Хуска – Попај.

Хусеин е израснат во скромно семејство со двајца браќа, и почнал да работи од свои 14 години. Со желба да учи за бербер и за да го научи занаетот, тој бесплатно ги потстрижувал вработените на домот „11 Октомври“. Машинката му ја обезбедиле од домот, а за возврат тој редовно ги потстрижувал.

Тогаш почнав да сфаќам дека за да помогнеш не треба многу. Јас го испеков занаетот, а тие имаа фризури. Задоволството беше обострано, вели Хуска.

Хусеин Хуска – Попај

Денес, како сопственик на берберски салон тој обезбедува бесплатно месечно потсрижување на поединци кои не се во можност тоа да си го дозволат. Корисници на здружението „Доблест“ се негови редовни муштерии, а за Божикните празници планира да ги израдува дечињата од домот за деца без родители, „11 Октомври“.

Ме погодуваат човечки судбини. Јас заработувам и повеќе од што ми е потребно, работата ми оди супер, па можам и да им помагам на тие што им е потребно. Од секогаш сум имал поддршка од семејството, па кога ќе слушнам за некоја животна судбина или дисфункционално семејство, тоа многу ме погодува, додава Хуска.

Донациите ги насочува за помош на маргинализирани лица, а се вложува и во хуманитарни цели и настани. На филантропија ги подучува и своите чираци затоа што смета дека со колективно помагање секој ден сме скала повисоко до подобро утре.

Желбата за помагање кај него се јавила и по поплавата која го зафати Скопје пред две години.

Летото, кога Скопје го зафатија поплавите, сакав нешто да направам. Решив два дена на муштериите да не им наплаќам за услугите, а за возврат тие да остават донација за поплавените семејства. Така, сите пари кои ги собравме со чираците, лично им ги поделивме на загрозените семејства во Стајковци, раскажува Хуска.

Дечките од фризерскиот салон „Попај“ учествуваат на многу настани и секогаш нудат бесплатни берберски услуги. Годинава на „Саем на џентлмени“ во Скопје, гостуваа со отворен „live barber shop“ .

Исто така, по лична иницијатива на Хусеин Хуска, салонот направи договор со Центарот на родители на деца со посебни потреби, сите дечиња и лица со посебни потреби да имаат можност да добијат бесплатно потшишување.

Хусеин Хуска ни покажа дека изборот на професија не е мерило за солидарност. Донирањето од каков било вид е форма на солидарност и хуманост кон заедницата во која живееме.

Може да кажеме едно големо браво за несебичните луѓе, со надеж за уште поголема заложба за подобра иднина.