Берлин го одби повикот на Пенс да се повлече од договорот со Иран

Германија во петокот го одби повикот на американскиот претседател Мајк Пенс од четвртокот дека европските земји треба да се повлечат од меѓународниот нуклеарен договор со Иран, бидејќи Техеран го дестабилизирал Блискиот исток.

„Заедно со Британците, Французите и целата ЕУ најдовме начин како Иран да остане во нуклеарниот договор. Нашата цел и натаму е да биде без нуклеарно оружје, токму затоа што Иран го дестабилизира регионот“, истакна германскиот министер за надворешни работи Хејко Маас. Без овој договор, „регионот повеќе нема да биде сигурен и би направил чекор кон отворен судир“, додаде шефот на германската дипломатија на Конференцијата за безбедност во Минхен.

Во четвртокот американскиот потпретседател Мајк Пенс ги обвини европските сојузници дека сакаат да ги прекршат американските санкции против Иран и ги повика да се повлечат од меѓународниот договор со Техеран. Пенс предупреди дека шемата која ја воспостави ЕУ за да го олесни тргувањето со Иран „претставува обид за кршење на американските санкции против иранскиот убиствен револуционерен режим“. Пенс во саботата ќе одржи говор во Минхен.

Нуклеарниот договор, познат како Заеднички план за сеопфатна за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA), е меѓународен договор за ограничување на иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа уште и Кина, Русија и САД, во времето на американскиот претседател Барак Обама, но неговиот наследник Доналд Трамп одлучи да го повлече Вашингтон од договорот и наметна нови санкции против Иран. Незадоволни од содржината на договорот со Техеран, САД по повлекувањето ги предупреди европските сојузници дека ќе се соочат со последици доколку се обидат да ги заобиколат санкциите кон Иран. Тоа предизвика во втората половина од минатата 2018 година од иранскиот пазар да се повлечат германски и француски компании, особено од телекомунакацискиот и автомобилскиот сектор.

Германија, Франција и Велика Британија на крајот од јануари, на маргините од неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Букурешт, воспоставија посебен европски инструмент за финансиски трансакции со Иран чија цел е заобиколување на американските санкции.

Европскиот механизам ќе се нарекува INSTEX, според англисиот назив за Инструмент за поддршка на трговската размена (Instrument In Support Of Trade Exchanges), објави во четвртокот германската телевизиска мрежа NDR. Заедничката изјава на Франција, Германија и Велика Британија, трите покровителки на овој проект, треба да биде објавена во трите престолнини. INSTEX ќе биде регистриран во Франција, ќе има германска адреса, а првите средства ќе ги уплатата овие три земји, кои во 2015 година го потпишаа никлеарниот договор со Иран.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.