Берлин под закана од недостиг на бензини, во случај на нафтено ембарго

На делови од Германија им се заканува недостиг од нафтени деривати доколку биде воведено ембаргото на увозот на нафтените деривати од Русија, предупреди германскиот министер за економија Роберт Хабек, пренесуваа во четвртокот германските медиуми.

„Морам, за жал, да кажам дека не е исклучено дека во случај на ембаргото во делови на Германија, особено на истокот и во Берлин, ќе дојде до потешкотии во снабдувањето со дериватите“, изјави министерот Хабек.

Укажа на тоа дека рафинеријата во Швет, во сојузната покраина Бранденбург која го снабдува главниот град Берлин и околината, пререботува исклучиво руска нафта, па доколку дојде до запирање на увозот сигурно ќе дојде и до недостиг.

„Работиме на тоа во случај на ембарго оваа рафинерија да добива нафта од други извори“, рече Хабек.

Рафинеријата во Швет се наоѓа во мнозинска сопственост на руската државна нафтена компанија „Роснет“ и руската нафта од типот „Ural“ ја добива директно преку нафтоводот „Дружба“.

Европската комисија на земјите членки на Европската унија им предложи до крајот на годината да го запрат увозот на руска нафта и нафтени преработки. Некои земји, во прв ред Словачка и Унгарија, се противат на ембаргото, имајќи предвид дека тешко може да најдат алтернатива за големата зависност од руските енергенси.

Германската зависност од руската нафта е многу помала во однос на зависноста од рускиот гас. Покривањето на германскиот пазар со руска нафта во последните седмици падна од 35 на 12 отсто. Пред војната во Украина, Германија 51 отсто од потрошувачката на гасот го покриваше со увоз од Русија. Во четвртокот најави градење на еден од двата терминала за течен гас (LNG) со кој Германија би требало да ја намали зависноста од рускиот гас.