Берлин: Преспанскиот договор e пример за успешно решавање на споровите

23

Склучениот договор меѓу Грција и Северна Македонија за името претставува одличен пример за успешно решавање на споровите, се наведува во соопштението од Кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел посветено на вчерашната средба на лидерите од Западен Балкан во Берлин.

На берлинската средба, чии домаќини беа Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, учествуваат претседателите или премиерите на шесте земји од Западен Балкан, премиерите на Словенија и Хрватска и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

На собирот се говореше за заедничката европска перспектива на Западниот Балкан, при што лидерите се согласија за зајакнување на своите напори за воспоставување на регионална економска област во согласност со изјавите од Самитот во Софија и со заклучоците на Претседателството на Самитот за Западен Балкан, одржани во 2018 година, се наведува во соопштението.

Според Кабинетот на Меркел, сите учесници на собирот ја потврдиле својата посветеност на соработката во рамки на т.н. Берлински процес, чии централни елементи се поврзаноста, економската соработка, слободната трговија, безбедносната соработка, размената на младите и помирувањето.

Учесниците на собирот во Берлин ја потврдиле поддршката на земјите од Западен Балкан за Регионалната канцеларија за соработка на младите (РИЦО) и се сложиле да ја прошират соработката во спречување на радикализацијата, борбата против тероризмот, недозволената трговија и илегалната миграција.

Во соопштението се посочува дека сите присутни на собирот ја потврдиле својата посветеност на стабилноста на регионот и се согласиле дека одржливите реформи се клучни за европската перспектива на регионот и за зајакнување на отпорноста за справување со внатрешните и надворешните предизвици.

Кабинетот на Меркел наведува дека Белград и Приштина се сложиле да продолжат со напорите за имплементација на постигнатите договори и со конструктивен дијалог за нормализација на односите, со цел постигнување сеопфатен и конечен договор.

– Учесниците на собирот ја нагласија својата непоколеблива посветеност на демократијата, инклузијата и на централната улога на изборите и парламентарните избори, владеењето на правото и доброто управување, борбата против корупцијата и организираниот криминал и на улогата на цивилното општество и независните медиуми – стои во соопштението на Кабинетот на Меркел.

На собирот Хрватска најави дека за време на нејзиното претседавање со ЕУ во 2020 година, планира да организира нов Самит за Западен Балкан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.