Бернската конвенција бара да се прекине со градежните дејности во Охрид

Бернската конвенција изразила загриженост за проблемите во Охридскиот регион и побарала македонските власти да прекинат со сите активности сè додека не дојде на терен планираната мисија, на која ќе и се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, соопшти денеска еколошкото здружение Фронт 21/42.

Според соопштението, Бернската конвенција минатата недела го објавила извештајот од првиот состанок на Бирото на Конвенцијата во 2022 година, на кој се разгледувал и новоотворениот случај против Северна Македонија за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“.

– Бирото посебно ги истакнува дивоградбите, нацрт измените на Законот за урбанистичко планирање, нацрт-законот за Студенчишко блато, плановите за понатамошна урбанизација во регионот, Коридор 8 и последните стратегии, како стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид – опоменувајќи ја власта дека речиси сите активности кои ги спроведува се спротивни на препораките на УНЕСКО – стои во соопштенито.