БЕСА: Кандидатот на СДСМ победи на криминални избори во Чаир (ВИДЕО)

Кандидатот на Движењето БЕСА за градоначалник на општина Чаир, Зекирија Ибрахими, на прес-конференција во неделата вечерта од партиското седиште пред завршување на пребројувањето од гласањето на Избирното место 2901 во скопската оптшина Чаир, му честиташе победа на својот противник Висар Ганиу од ДУИ и ја нарече „победа на СДСМ“.

Претходно во текот на гласањето од БЕСА упатија соопштение во коешто ја информираа јавноста, како што беше наведено, дека насилници од владејачка партија вршеле притисоци да не излегуваат на повтореното гласање.

Nа ова избирачко место вкупно се запишани 719 избирачи. Разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од БЕСА во вториот круг беше 209 гласа, а на избирачкото место 2901 разликата беше 66 гласа.

„ Сакам да му ја честитам победата во Чаир на СДСМ. Ова е украдена победа и ако тие ја признаваат како таква ние им ја честитаме. Им благодарам на граѓаните кои излегоа на гласање и покрај многу притисоци и изнудувања, рече Ибрахими по завршувањето на гласањето на ИМ 2901 во општина Чаир каде се прегласуваше вториот круг од Локалните избори 2017.

Од  БЕСА одржаа прес-конференција на која ги искажаа нивните ставови од денешното гласање во општина Чаир, каде што по третпат се водеше битка за градоначалничкото столче меѓу нивниот кандидат и кандидатот на ДУИ.

„ Во оваа прилика сакам да им испратам неколку пораки до кандидатот на СДСМ, отсега нов узурпатор на општина Чаир:

-Тој може да биде градоначалник на Чаир за СДСМ и за претседателот на СДСМ, кој до вчера ги нарекуваше сопартијците на овој кандидат криминалци и корумпирани, но не и за граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалник за оние полицајци и мангупи поддржани од полицијата кои го блокираа влезот на зградите денес и ги спречија граѓаните да гласаат, но не и за граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалник на Чаир за оние кои денес ги купија или насилно им ги одзедоа личните карти и пасошите на граѓаните на Чаир и ги држеа како заложници до 19 часот, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за министерот кој рече “сакам победата во Чаир по секоја цена”, но не и за граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалник на Чаир за поранешниот заменик-министер на ДУИ, кој нудеше по 5.000 евра за 30 гласови, но и не за граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалникз а Миле Зечевиќ и Љубе Бошковски, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник за претседателот на ДУИ, поточно на албанскиот огранок на СДСМ, кој по губењето на битката со нас во Чаир, побара помош од СДСМ, но не и на граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник за пратеникот на СДСМ, кој од својот штаб во стариот комплекс во Топанско Поле делеше по 2.000 денари по семејство за да гласаат, но не и на граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалник на Чаир за занаетчијата кој има работилница во населбата кај зградите во Чаир, кој заедно со неговите двајца другари имаа задача да прошверцуваат стотици дупликати гласачки ливчиња, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за дебелиот црномурест активист од уличката “Пере Тошев”, кој пред две недели купи повеќе од 800 ромски гласови во Топанско, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за тој што продаде 12 гласа за 8.000 евра, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за оние кои, како аналитичари, не оставија клевета што не ни ја прилепија, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за тие кои на најбрутален начин ја скршија лозинката на нашиот кандидат за да можат така да му помогнат на кандидатот на СДСМ, но не и за граѓаните на Чаир;

– Тој може да биде градоначалник на Чаир за тие портали кои објавуваа приватни коресподенции на нашиот кандидат, а кои “реформската власт” ги наградуваше, но не и за граѓаните на Чаир;

-Тој може да биде градоначалник на Чаир за тие од урбаната мафија, кои со него прославија под истрелите на автоматските пушки среде плоштад, но не и за граѓаните на Чаир.

– Ако на него и на неговиот претседател, значи на премиерот, не им пречи да бидат вакви во Чаир, нека им биде на чест оваа победа!“, рече претставникот на БЕСА.

https://www.youtube.com/watch?v=oOXKd6SjNSQ