„Беса“ му се заканува на СДСМ, поддршка за Касами во Тетово или владина криза

Битката на „западот“ навестува можни поместување на политичката сцена. Во фокусот се калкулациите околу тоа кому СДСМ ќе му ја даде довербата на претстојните локални избори, со оглед дека сите три коалициони партнери од албанскиот корпус во владата ќе настапат со свои кандидати за градоначалници. Однесувањето на СДСМ не само што ќе се рефлектира и врз поддршката за нивниот кандидат за Скопје, Петре Шилегов, туку може да предизвика турбуленции и во владиниот кабинет на Зоран Заев.

На тоа наведува исклучивоста која ја наметнува Движењето Беса. Нивниот лидер, пак, ќе се обиде да стане градоначалник на Тетово, конфронтирајќи се со Теута Арифи од ДУИ и со фаворитот на ДПА, поранешниот прв човек на градот под Балтепе, Сади Беџети. На минатите локални избори Арифи беше заеднички кандидат на ДУИ и на СДСМ, но на последните парламентарни избори, СДСМ го смени партнерот и одеше во коалиција со Движењето Беса.

„Не очекуваме СДСМ да постапи поинаку од она што го сторивме заедно на последните парламентарни избори. Нема политичка логика гласачите на СДСМ од Тетово да гласаат за друг кандидат, кога на последните парламентарни избори гласаа за носителот на листата за пратеници, претседателот на движењето Беса, Билал Касами. Секоја друга еднострана одлука би имала последици во рамките на владејачката коалиција“, велат од Беса за ‘360 степени”.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави дека до крајот на месецот за евентуална соработка за локалните избори ќе разговара со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, но не исклучи дека очекува соработка и со останатите владини партнери, но без да прецизира со кои и во какво својство. Во тој контекст, 360 степени се обиде да добие став од СДСМ за позицијата која ја наметнува Движењето Беса, но оттаму се уште немаат јасна слика, па со укажување дека прават истражувања, анализи и консултации со членството, наместо одговор добивме политички памфлет.

„Она што е јасно дека СДСМ и на овие избори ќе ја има најдобрата кадровска и програмска понуда, најголемиот коалиционен капацитет, со што СДСМ е изразит фаворит на претстојните локални избори“, беше одговорот на СДСМ на прашањето за ставот на Движењето Беса.

Освен во Тетово, слична ќе биде и ситуацијата за Гостивар. И таму ќе се судрат тројца кандидати за градоначалници од владината коалиција. Се очекува ДУИ, пак, да застане зад својот поранешен градоначалник, Невзат Бејта, а за противкандидати тој ќе ги има пратеникот Фадиљ Зендели од Движењето Беса, и актуелниот директор на НУБ „Свети Климент Охридски“, Фримзим Даути од партијата на Мендух Тачи – ДПА.

Во однос на кандидатурите за Скопје, извесно е дека СДСМ се надева дека како и на минатите локални избори, Петре Шилегов ќе ја добие поддршката од партнерите. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна во интервју за ТВ 21 посочи дека коалицијата со СДСМ добро функционира последните четири години и вреди да се размисли за можен заеднички настап на локалните избори. Неофицијално, во ДУИ се убедени дека на локалните избори ќе одат со заеднички кандидати со СДСМ, како и во 2017-та, што во голема мера му ја олеснува задачата на коалицискиот кандидат за Скопје. Но, тоа значи дека СДСМ ќе мора ја поддржи ДУИ во Тетово и Гостивар, а со тоа ќе го доведе во прашање и онака кревкото парламентарно мнозинство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.