БЕСА на Гаши потврди дека го добива Министерството за култура

Движењето БЕСА, коешто го води Африм Гаши, ќе биде дел од парламентарното мнозинство и извршната власт, одлучи во вторникот вечерта Централното собрание и Централното претседателство на партијата, која во Владата ќе раководи со Министерството за култура, а кандидатот за таа функција ќе го номинира дополнително.

„Иако пратениците на движењето БЕСА и досега го помагаа мнозинството и Владата во реформската агенда, одговоривме на барањето на премиерот да станеме дел од извршната власт“, рече на прес-конференција лидерот на Движењето БЕСА, Африм Гаши.

Информираше дека причини за таквата одлука се реформската агенда, процесот за решавање на спорот за името, отворањето на преговорите за интеграција во ЕУ и потребната кохезија за членство во НАТО.

За БЕСА, како што рече, претставува чест и големо признание договереното менаџирање со ресорот култура и оти централното претседателство на партијата многу бргу ќе номинира име за министер за култура.

„Уште не сме решени за конкретно име, но многу е значајно кој ќе не претставува достоинствено, сакаме да покажаме дека нашите кадри се многу квалитетни и тоа ќе биде на некој начин идентитет на Движењето БЕСА во Владата“, рече Гаши.

Нашето учество во Владата, додаде тој, е повеќе стратешко отколку процентуално, а ние сме убедени дека БЕСА има идеја, визија и проекти кои можат да помогнат во унапредување на културниот живот во земјата.

Како што објави претходно во вторникот премиерот Зоран Заев, нови коалициски партнери во Владата покрај БЕСА на Африм Гаши, ќе бидат ДПА и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам.

Откако партиите ќе ги номинираат кандидатите до крајот на седмицата ќе ги формализира и ќе ги достави предлозите до Собранието.

Претходно во вторникот Мендух Тачи го исполни ветувањето коешто им го даде на симпатизерите, објавувајќи дека ДПА станува дел од Владата на Зоран Заев.

„Министер за странски инвестиции ќе биде Бардил Даути, а заменик министер за транспорт и врски, Мусадик Беќири“, изјави Луан Треси, портпарол на ДПА.

Договор е постигнат и со Движењето на Ромите во Македонија, партијата на Амди Бајрам, но тие нема да имаат ресор во Владата.Дел од владата нема да биде Беса на Билал Касами.

Заев не откри кој од неговите министри ќе биде заменети, но најави дека до крајот на седмицата сите предлози ќе стасаат во Собранието кое ќе решава за нивниот избор. Преговорите продолжуваат и со ДУИ, од каде неофицијално се говори за можна размена на министерства за правда со образование или земјоделство.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.