„Беса транс“ демантира дека во автобусот се шверцало гориво

Kомпанијата „Беса транс“ на Фејсбук се огласи со соопштение со кое демантира дека со автобусот што настрада на автопатот „Струма“ во Бугарија, при што загинаа 45 патници, се шверцувало гориво или пиротехнички средства.

Во објавата компанијата тврди дека во автобусот немало ниту резервно гориво.

„Како агенција, ги известуваме целата јавност, семејствата на загинатите и повредените во трагичниот случај, дека автобусот на ниту еден начин немал багаж за шверц на бензин, нафта или пиротехнички средства. Сите овие шпекулации служат за злонамерни цели, обидувајќи се одредени страни да добијат предност во трагедијата. Вкупниот капацитет на автобусот бил 450-500 литри дизел за користење на самиот автобус, а во никој случај немало резерва за шверцерски цели. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ја користат оваа дезинформација за уште повеќе да ги повредуваат членовите на семејствата. Таа станува и пречка за истражниот процес кој и официјално беше отворен. Деталите ги очекуваме од истражниот процес“, напиша агенцијата на Фејсбук.