Беше еднаш на Дивиот запад во Македонија… Маврово!

Насловот на оваа колумна не е избран по пат. Напротив намерата ми е да пишувам за тоа како се градел и развивал туризмот во нашата преубава Македонија во времето на комунизмот и социјалистичкот развој, како се одржувал по патот на транзицијата и како тоа денес се развива/уништува истиот. Зашто баш во Дивиот запад? Инспирацијата ми дојде од пополуарниот шпагети вестер филм на Серџо Леоне (коинциденција иста, само лчичен интерес и ништо друго), запад од причина што во една дисертација, нели се зема секогаш примерок на истражување, па во мојава колумна примерок ќе биде денес можда „извиканата/напредната/снобовската“, како саката милувајте ја дестинација – Маврово, од западниот крај на нашата држава.

Несомнено го земам баш мавровскиот крај со планинатат Бистра зашто, по род од мајка сум баш од овој крај. Впрочем ако одам уште подалеку, мајката на мојата мајка, или мојата баба е родум од Маврово од познатата фамилија Петрески, а таткото на мајка ми, односно мојот дедо е од другиот крај, јужниот, Леуново, од исто така познатата фамилија Диневски или таму познати Диневци, најпознатиот од таа фамилија е македонскиот глумец Вукан Диневски (одсекогаш сум бил посебно горд на овој податок, пошто мојот примарен и првичен животен интерес ми беше филмот, малку да си кажам и своја историја, ама за ова друг пат). Инаку мавровци популарно ги викаат „сибирци“. Претпоставувам по многу нешта, ем се на северната страна, ем зимата е секогаш ладна, па можда затоа и луѓето се малку повеќе студени.

Но, нејсе да се вратам малку на содржината во колумната, воведот е малку автобиографски.

Маврово со неговиот крај е мало место во западна Македонија. Денес општина со вкупно жители 8.600 на број со се’ ростушкиот крај заедно. Инаку во овој регион е и Националниот парк Маврово, најголемиот во земјата –  со површина од 73.088 хектари кој лежи на пет планини, во две држави. Дом е на последниот балкански рис и на повеќе од 1.400 видови растенија и 150 видови животни. Низ него тече можда последната дива река на балканот и пошироко – Радика. Народна република Македонија како дел од Југославија јасно ги поставила своите приоритети уште во првите пет години по независноста. И во 1949 го прогласува за заштитено подрачје со строга намена.

Па така, почнува и развојот на туризмот во Маврово и околината. Имено се погодува во 60т-е години еден политичар, голем чоек од овој крај, во тогашната Социјалистичка Република Македонија, другарот Заре Лазаревски каде денешниот скијачкиот центар е исклучително негова лична заслуга кој со својата идеја и визија во далечните 60-ти години, започнал со изградба на центарот, почнувајќи од стазата и скијачкиот дом преку жичарата едносед,  па се’ до она што во моментот постои таму. Тој со својата идеја и визија успеал да мотивира многу поединци, органи, организации од тоа време, да дадат свој придонес, гледајќи дека нивната помош се отелотворува во грандиозно дело од општа корист (цитат на неговиот син).

Е сега баш овде ми е поентата „мотивирал многи поединци, органи и организации да дадат свој придонес и помош“. Тука почнува и мојот главен акцент како се развивало Маврово како туристичка дестинација.

Прво се прогласува за Национален парк, потоа станува ски центар и веќе се формира одредена понуда која станува интересна за пошироката јавност. Во тогашниот социјалистички систем, модерно е да се градат викенд куќи за одмарање на работничката класа. Така и мојот татко (инаку патем од Скопје, значи сум од мешан брак западно-централно орентиран) уште во 1976 година започнува да се интересира за градење една ваква викендица и тоа буквално во крајот на неговата жена, мојата мила мајка. Државата и самата општина Маврово (тогаш посебна општина била), во интерес на развој на самиот крај и туризмот во него, доделувала државно земјиште без пари на секој еден заинтересиран, но без донесени комунални инфраструктури. Тоа значело дека на „продадениот“ плац татко ми си носи сам инфраструктура (замислете каков маж е татко ми, не зема плац од жена му да не му преречат нешто утре роднините на жена му случајно нели, као домазет ова, она…)  сам си донесува пристапен пат до плацот, сам купува и мести бандера за приклучок на струја, како и приклучок за вода. Постапката е иста за секој еден поединец понатаму (инаку во пракса вакви примери има секаде во светот, почнувајќи од Турција, Шпанија до Виетнам, затоа туризмот кај нив достигна огромни размери потоа). И така татко ми со помош на пријателите и роднините ударнички, што би се рекло, ја градиме нашата 50 метри квадратна викендица во Маврово.

Нормално со тек се градат многу работнички одморалишта како Поштенско, ФЦУ потоа Срна, сега хотел Миа, електродистрибуција сега ЕВН, Вардар Филм, после Голден палас сега Риа, Макпетрол кој денес истиот се продава, Југобанка сега Народна банка, Железара денеска фамиозниот Радика ресорт итн, и нормално единствениот хотелски комплекс Бистра. И така Маврово со неговиот крај од едно диво село полека, но сигурно прераснува во интересна туристичка дестинација.

Во делот на придонесот, многу добро знам дека многу тогашни организациски претпријатија (како беа она поделени СОЗТ, ОЗТ, РЗ итн) даваа огромна помош финаниска ли, техничка ли е, промоција ли е, кои придонесуваа на секаков начин да се развива Маврово и ски центарот, а за возврат добивавме слободни карти за скијање. Вин – вин ситуација нели.

Посебно ми е драго што можев да уживам во секој викенд, секој летен распуст со братучедите и посебно зимски распуст таму, што посебно сум горд што сум меѓу првите скијачи таму, а брат ми уште на 3 годишна возраст скијаше по сите патеки, што и моите деца научија таму да скијаат. Но за жал, голема жал морам да кажам, денеска јас и моето петчлено семејство не може да си го дозволи тој „луксуз“. Карта за скијање 20 евра по 5, сите заедно 100 евра, еден чај 100 денари, 500 денари само за чај. Паркинг никаков, пристап ужасен, скијачките патеки се и ден денешен истите, нема ниедна нова ски патека, ниту една нова современа жичара, нема ниту топови, па секоја година се молиме на бога да ни прати снег оти зимската сезона пак ќе ја пропуштиме. Ејјј камењата се исти на стазите две, на кои еден куп скии изгребав и се истепав!!! Епа извенете господа не иде така, да наплаќате како да сме во Сент Моритз или Кизбил, а немате ништо додадено или сменето. Рибарите велат со гол г’з сакаме риби да фаќаме.

И доаѓаме во сегашноста, денеска она што му се случува на моето мило Маврово. Ски центарот, пошто е државен, нема интерес за негов развој и надградба, ама затоа приватниот дел, продажбата на земјиште, урбаниот развој доживува експанзија цела.

Од апсект на развоен туризам (полна е устата на локалните челници дека се’ прават за развој на општината и туризмот во него), а според мене и според науката е крајно катастрофално неплански развиено. На големо се зборува/зборуваше, ова посебно го потенцирам за куќите во ресортот Радика, кој од хотелски комплекс станува земјиште за продажба на 82 неплански куќички (одамна им го зборев на моите земјаци и роднини дека ќе се прават, но не сакаа да поверуваат), оние монструозни градби што се градат околу подножјето на ски центарот, кој наместо типски куќи, се пренаменуваат во станбено деловни згради на добиено земјиште без одобрение. Денес викенд куќите не се викендички, туку натпревар на богатите кој да изгради поголема и поскапа куќа, каде еден квадратен метар земјиште достигнува вредност и до 100 евра, додека оние ужасни ѕидарски градби со таканаречени апартмани доаѓаат и до цена од 1.200 евра по м2, а куќите се продаваат по стоитици илјада евра.

И да, се согласувам од аспект на финансиите, сега ќе си речете па што тоа е супер, што треска овој сега! Да ама тоа еден ден ќе престане, ќе се доведеме да од мир и задоволство, имаш немир и неспокој во уживањето. Енормна гужва на патчето долго 5 км од браната до ски центарот кое е тесно само за една кола, а во зима со снегот едвај и таа една кола проаѓа. Елитизмот го јавна Маврово, наместо викенд населба сега е урбана населба со грди зданија. Немам против развојот никогаш, но дајте малку свест, совест и во сооднос со природата да биде тоа. Локални градоначалници, директори на јавните претпријатија, посебно директорот и вработените во Националниот парк, дигнете го први вие гласот, отворете ги очите и свеста на подолг рок, не на краток. Да ќе замижете сега за да имате и вие накоја лична корист, но што ќе биде утре, за 10 години и повеќе? Ќе се срамите вие пред вашите деца и внуци, наместо ваква приказна да кажувате како мојава овдека во првиот дел за уживањето и задоволството и планскиот развој и историскиот дел на Маврово, ќе се срамите од претераната непланска урбанизација и уништувањето на природата од вашите комшии и роднини, или нема од ништо да се срамите?

Сетете се на Банско, на Скопје ако не, што ги снајде со таа неконтролирана урбана експанзија, само заради икс лични интереси, па нека се локални или државни, за чии интереси, за јавните, за нашите на жителите и граѓаните на оваа наша напатена државичка? Ако мене ме прашувате како ваш земјак од тој крај, како експерт по туризмот, ако така можам да се наречам, грешитееее дебелооооо. Престанете веднаш, тоа не само јас туку и вашите жители, сограѓани, сибирци мои, па и самото Маврово ви го вели веќе секој ден се’ повеќе и повеќе. Ако може уште нешто да се спаси. Оти и утре веќе е задоцнето.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес