Бесими: На дневна основа имаме целосна координација на фискалната со монетарната политика

Како фискална политика на дневна основа сме во целосна координација со монетарната политика и тоа може да се согледа со фактот што уште од ковид кризата, па до сега во петгодишните проекции имаме постојано консолидирање на фискалната политика, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Консолидирањето на фискалната политика значи намалување на дефицитот и намалување на јавниот долг, а при тоа поддршка на растот со реформите што ги правиме. Тоа, пак, значи дека се остава поголем простор за монетарната политика да не оди преостро во однос на каматните стапки, рече Бесими во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување на Договор за грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје.

Истакна дека доколку дефицитот не се намалуваше во последните две три години од 8,2 во 2020 година до проектираните 4,6 отсто за годинава, а во наредните пет години да биде на ниво од три отсто, тоа ќе значеше поголемо трошење од страна на Буџетот, поголемо задолжување и повисоки каматни стапки дури и од што се актуелните во земјава.

-Народна банка веќе една година наназад го следи тоа што се случува со каматните стапки на Европската централна банка и една недела по нив објавува следна референтна каматна стапка. Токму објавената нова референтна каматна стапка е резултат на тоа што го направи минатата недела Европската централна банка, рече Бесими.

Нагласи дека финансиските пазари годинава стануваат многу турбулентни и релативно скапи.

-Начинот на финансирање на нашата земја со грантови и поволни кредити од ЕИБ и ЕБОР, програмите со ММФ и СБ и другите банки како што беше КфВ се само еден од аспектите што ги правиме во контекст на финансирањето на развојот со поволно финансирање. Токму тоа на некој начин е одговор на високите каматни стапки што ги утврдува Народна банка која тоа го прави со цел да ги стабилизира очекувањата за порастот на цените кои имаат влијание на динамиката на растот, потенцира Бесими.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.