Бесими на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија

127

Бесими на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ: Продолжуваме со ЕУ агенда

Заменик претседателот на Владата задолжен за Европски прашања, Фатмир Бесими денеска присуствуваше на завршна годишна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ акредитирани во Македонија.

Оваа средба, вицепремиерот ја искористи да ги запознае присутните со исходот од дискусиите при неодамнешната посета на Брисел и европските институции, како и да информира за последните чекори кои Македонија ги има преземено за надминување на наодите од Извештајот на Европската комисија за остварен напредок на РМ за 2013 година.

Бесими ја потврди посветеноста на Владата на Република Македонија кон започнатите реформи, како и кон евроинтегративниот пат на земјата. Вицепремиерот истакна дека секоја земја членка на ЕУ претставува важен партнер за нашата интеграција во Европската Унија. Беше повторена заложбата за решавање на отворените прашања со соседите и во оваа прилика беше побарана поддршката на земјите членки на ЕУ со цел олеснување на надминувањето на постоечките разлики со Грција и Бугарија.

Вицепремиерот искажа очекување дека на декемврискиот самит земјите членки ќе го признаат напредокот на Република Македонија потврден со извештајот на ЕК и дека ќе биде даден сигнал за продолжување на реформите во земјата кои се опфатени и со Пристапниот Дијалог на Високо Ниво.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.