Бесими: Подобри економски резултати од средината на 2022-ра година

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека ниту една економија во текот на годинава нема да се врати на развојната патека како во преткризниот период. Очекувањата се дека тоа ќе се случи кон средината на 2022 година.

Одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, Бесими рече дека од средината на 2022 година со забрзана динамика би имале подобри економски перформанси во смисла на инвестиции, нови работни места, намалување на невработеноста….

Не се согласува и со констатацијата дека државата не инвестирала доволно, посочувајќи притоа дека се реализирани низа мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во кризниот период и како резултат на тоа забележан е пад на БДП од 4,5 проценти наместо од 8,7 проценти.

-Во однос на Буџетот 2020 година имавме два ребаланса и на крај уште една одлука за распределба. Успеавме да имаме реализација на 99 отсто на приходна страна и зголемени капитални расходи во реализација на 81 отсто. Тоа не значи дека државата не трошела. Дополнително, во текот на 2020 година имавме зголемено задолжување со цел да се поддржи економијата со 10,04 проценти од БДП, како фискален стимул за економијата. Тоа придонесе да се ублажи падот на БДП од 8,7 на 4,5 според проекциите и анализите што се направени во тој период. Тоа никако не значи дека немало реализација на потрошувачка од страна на државата. Исто така сега во Собранието, дебатата е обратна. Значи, зошто имаме зголемување со ребаланс на буџетот – зошто имаме зголемување во буџетското трошење во овој период, рече Бесими.